
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кој учествува на министерската конференција во рамки на Салзбуршкиот форум денеска имаше свое обраќање, во кое истакна дека стратешки приоритет на нашата држава е интеграција во европското семејство.
„Од наша страна ќе бидат вложени максимални напори за обезбедување на неприкосновено владеење на правото, спроведување на законите и зајакнување на правната држава“, рече министерот Тошковски.
„Миграциските текови долж т.н. Источно-Медитеранска рута и понатаму се еден од главните предизвици на Министерството за внатрешни работи. Во таа насока управувањето и зајакнувањето на границите, справувањето со илегалната миграција, како и останатите форми на прекуграничен криминал се еден од нашите главни приоритети, но во исто време и еден од нашите предизвици“, потенцираше министерот Тошковски.
Министерот Тошковски нагласи дека клучна активност на нашиот пат во одржливото управување со миграциите на Западен Балкан е зацврстувањето на меѓународната доверба, зголемена размена на информации, заеднички пристап, координација и соработка кои се главен предуслов за успешно справување со предизвиците на управување со миграциите.