
Унапредување на политиката на проширување на ЕУ со земјите од Западниот Балкан, зајакнување на заедничката одбрана и подобрување на европската конкурентност, се трите врвни приоритети на претседавањето на Унгарија со Европската Унија во следните шест месеци. Тоа официјално стартува утре и мотото е „Да ја направиме Европа повторно голема“.
Како што информира постојаниот претставник на Унгарија при ЕУ, Балинт Одор на прес-конференција во Брисел на која ја презентираше унгарската програма за претседавањето со блокот, Будимпешта има седум приоритети.
Покрај проширувањето, одбраната и конкурентноста, меѓу приоритетите на унгарското претседателство ќе бидат и зајакнување на сигурноста на надворешните граници на ЕУ, спроведување на кохезивните политики, поддршка на земјоделството и решавање на демографските проблеми на блокот.
Покрај ова, како што јави МИА од Брисел, Будимпешта ќе се посвети и на напредок во укинувањето на шенгенските копнени гранични контроли за Бугарија и Романија, на борбата против антисемитизмот, на промоција на дискусии на теми поврзани со високото образование, како и на заштита на европското културно наследство.
– Европа се соочува со вонредна ситуација, проблеми како што се војната во соседството или миграцијата. Ова претседателство ќе биде како никое друго досега. Ќе бидеме чесни посредници и ќе се обидеме искрено да соработуваме со земјите членки и со институциите на ЕУ, изјави Одор.
Тој посочи и дека во однос на проширувањето на ЕУ, „погледот на Унгарија“ ќе биде насочен кон Западниот Балкан, наместо кон Украина како што беше за време на претходните две претседателства.
– Кога станува збор за Западниот Балкан, би сакале да видиме што поголем напредок. Наша цел е да отвориме и затвориме што повеќе преговарачки кластери. Мораме да го забрзаме овој процес, рече Одор.
Унгарскиот амбасадор најави и дека Унгарија планира да организира самит во регионот меѓу претставници на ЕУ и на шесте земји од Западниот Балкан – Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора. Сите земји, освен Косово, имаат статус на кандидати за членство и официјално ги започнаа пристапните преговори. Косово засега е само апликант за прием во Блокот.
Но, освен делумно на Црна Гора, преговарачките процеси на Северна Македонија, Албанија и Србија со ЕУ се во застој, од различни причини, додека Босна и Херцеговина се уште е во очекување да биде закажана првата Меѓувладина конференција на која би била усвоена Преговарачката рамка и патоказите со што би бил означен официјален почеток на преговорите.
Будимпешта планира да иницира и размена на мислења за националните енергетски и климатски планови на земјите членки на ЕУ и за енергетската политика Унијата, како и дебати за регулативата за правата на патниците во воздушниот сообраќај и за усогласување општ пристап за директивата за комбиниран транспорт. Унгарското претседателство, исто така, ќе се посвети и на усвојување на регулативи за емисиите на стакленички гасови во транспортот и за Европската агенција за поморска безбедност, како и на директиви за возачки дозволи, за капацитетите на железницата и за хармонизирани речни услуги.