
Со цел да се превенираат можни штети од најавеното големо невреме за денес, Општина Кисела Вода презема активни мерки за чистење на атмосферските шахти. Тимовите на општината се на терен и интензивно работат на чистење на сите шахти, со цел да се обезбеди нормален проток на вода и да се спречат евентуални поплави. Како локална самоуправа редовно спроведуваме активности за одржување и чистење на јавните површини, но се делува и вонредно, во услови кога имаме најава за можно невреме , како што е случајот денес.
-Како градоначалник на општина Кисела Вода, сакам да ги уверам нашите граѓани дека правиме сѐ што е во наша можност за да ги заштитиме од евентуалните последици на најавеното невреме. Превенцијата е клучна и затоа денес ги чистиме сите атмосферски шахти за да спречиме поплави и други евентуални штети. Сите тимови на општината се мобилизирани и подготвени да реагираат на предизвиците кои би можеле да се појават за време на најавеното невреме. Наша прва и најважна обврска е да ги заштитиме нашите граѓани и нивните имоти. Ве уверувам дека ќе направиме сѐ што е во наша можност да го минимизираме ризикот од поплави и други штети, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.


