Ураганот Берил се приближува до Јамајка додека расте бројот на жртвите

Ураганот Берил заканувачки се насочи кон Јамајка во средата, откако корнеше дрвја и покриви и уништи фарми минувајќи низ помалите карипски острови.

Бројот на загинати од силниот ураган од четврта категорија се искачи на најмалку седум, но се очекува да се зголеми, бидејќи се обновуваат комуникациите на островите погодени од поплави и ветрови.

„Сè е уништено, нема ништо на островот Палм. Ни треба помош за сите“, рече Кејти Росиак, генерален менаџер на одморалиштето „Palm Island“ во Сент Винсент и Гренадини, една од најтешко погодените области во источниот дел на Карибите.

Загубата на животи и штетите предизвикани од ураганот Берил се резултат на потоплиот Атлантски Океан, за кој научниците велат дека е знак за климатските промени наводно предизвикани од човекот кои поттикнуваат екстремни временски услови.

Во главниот град на Јамајка, Кингстон, загрижените возачи чекаа во редици на бензинските пумпи, додека други се снабдуваат со основните работи.

„Луѓето се загрижени и продолжуваат да купуваат продукти“, вели за Reuters Андре, продавач во локална продавница.

Жителите на Јамајка се подготвуваат за прекин на електричната енергија подоцна во средата по локално време, според претставник на службата за комуналните услуги, а патиштата во близина на брегот се веќе поплавени бидејќи дождот продолжува да врне.

До средата напладне, центарот на спиралниот ураган беше на околу 121 километар југоисточно од Кингстон, според американскиот национален центар за урагани (NHC), иако неговите надворешни делови веќе погодија голем дел од островот со население од речиси три милиона.

Берил има максимални ветрови од 233 километри на час.

„Во поголемиот дел од Јамајка и јужниот дел на Хаити се очекуваат опасни по живот поплави и одрони од кал од обилни врнежи“, се вели во соопштението на NHC, додавајќи дека опасни ветрови и бранови бури се очекуваат и на Јамајка и на Кајманските острови до рано четврток по локално време.