Немало финансиски злоупотреби, туку не бил идеолошки „погоден“ за новата власт, реагира Фрчкоски

Не е никаков проблем амбасадорот да се повлече од функцијата кога не е „погоден” на идеологијата на новите власти. И тоа е спремен да го направи. Амбасадорот, потврдува мисијата, моментално е на боледување по кое ќе се повлече од функцијата, за што МНР нема потреба да измеќарува, пишува во реакцијата на Постојана мисија на земјава во ООН  и на амбасадорот Љубомир Фрчкоски, по обвинувањата за злоупотреби во финансиското работење на Мисијата и за злоупотребата на службената картичка од страна на амбасадорот.

Мисијата го повикува Министерството за надворешни работи да ги искористи законските инструменти и да испрати ревизија во мисијата која ќе ја утврди состојбата во целокупното работење.

Фрчковски и Мисијата, потсетуваат дека тврдењата дека „амбасадорот со тогашниот премиер правел матни зделки со тие пари и не ги внесува во буџетот каде што законски припаѓаат” веќе се демантирани од поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи.

Во реакцијата во врска со злоупотребата на пари од сметката на мисијата се наведува дека службите во МНР не ѝ доставуваат навреме на мисијата пари за лекарско осигурување на вработените во мисијата.

„Мисијата чува некои минимални средства на државната, своја сметка во случај МНР да не обезбеди средства, а законската обврска принудува тие да ѝ се платат на здравствената компанија во САД. И тоа е сè. И тоа е јасно и транспарентно“, се вели во реакцијата.

Во однос на користењето на службената картичка за приватни цели од станаа на амбасадорот, во реакцијата се наведува дека „амбасадорот имаше итна медицинска интервенција во Македонија и беше на погребот на својот починат брат – ненадејни настани кои го примораа привремено да искористи пари од мисијата за авио билет, кои секако деновиве ги надомести од свои приватни средства“.