
Стотина припадници на Армијата и два хеликоптера МИ 8/17 од воздухопловниот ВИНГ од раните утрински часови во неделата во координација со сите инволвирани субјекти отпочнале со координиран и насочен ангажман во гаснењето на пожарот во поширокиот реон на неготинско и планината Серта.
„По наредбата од страна на претседателката и врховен командант на Вооружените Сили, Гордана Сиљановска Давкова за ангажирање на Армијата за справување со пожарите во реонот на неготинско, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски нареди ангажирање на потребни капацитети на Армијата“, информираа утрово од Генералштабот на Армијата.
Армијата, како што се наведува во соопштението, согласно својата мисија и задачи останува максимално подготвена во извршувањето на својата Уставна обврска и задачи од мисијата која вклучува и нејзино ангажирање во помош на граѓаните и институциите при справување со елементарни непогоди секогаш кога било потребно.
Владата доцна синоќа по барање на Кризниот штаб од Неготино прогласи кризна состојба.