Раст на Волстрит на почетокот од седмицата

На Волстрит во понеделникот берзанските индекси пораснаа, што најмногу се должи на корекцијата на цените на акциите на големите технолошки компании, по остриот пад минатата седмица .

Индексот Dow Jones зајакна 0,32 отсто, на 40.415 поени, додека S&P 500 порасна за 1,08 отсто, на 5.564 по ени, а Nasdaq 1,58 отсто, на 18.007 поени.

Минатата седмица овие индекси драстично паднаа, меѓу другото, поради ротацијата на капиталот од технолошкиот сектор, којшто гопредводеше растот последните години, во сектори кои би можеле повеќе да имаат полза од намалувањето на каматните стапки. Имено, на пазарот зајакна мислењето дека американската централна банка во септември ќе ги намали каматните стапки, бидејќи инфлаторните притисоци се намалуваат, додека економскиот раст забавува.

Но, вчера акциите на многу технолошки гиганти вратија дел од минатонеделните загуби. Цените на акциите на „Alphabet“, „Meta Platforms“, „Nvidia“ и „Tesla“ пораснаа меѓу 2,2 и 5,1 отсто.

„Растот на цените на овие акции е повеќе корекција по минатонеделниот пад отколку што и да е друго“, вели Џејсон Прајд, стратег во компанијата „Glenmede“.

Вчера инвеститорите беа фокусирани и на политичката сцена, откако американскиот претседател Џо Бајден во неделата се повлече од трката за втор мандат. Бајден ја поддржа потпретседателката Камала Харис како демократски претседателски кандидат, но прашање е кој всушност ќе ја добие таа кандидатура.

Одлуката на Бајден не е неочекувана, со оглед на неговата лоша здравствена и ментална состојба. Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп имаше значително водство во анкетите пред Бајден, но неговата предност пред Камала Харис е значително помала.

Инвеститорите се фокусирани и на деловните резултати на компаниите и банките во вториот квартал. Извештаите од „Alphabet“ и „Tesla“ ќе привлечат најмногу внимание оваа седмица.

И на европските берзи вчера поскапеа акциите. Лондонски FTSE индекс зајакна за 0,53 отсто, на 8.198 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 1,29 отсто, на 18.407 поени, а париски CAC 1,16 отсто, на 7.622 поени.