
Од Центарот за управување со кризи јавуваат дека пожарот над Прилеп во голем дел е ставен под контрола.
Како што велат, доцна во ноќта е спасен и манастирот.
„Во комуникација со командирот на ТППЕ Прилеп известени биле дека во моментот позади сртот на Маркови кули пожарот е поделен во два крака, ќе направат напори да го стават под контрола и изгаснат. Има доволен број на луѓе на терен а воздушна подршка во моментот не е потребна“, додаваат од ЦУК.

Од Општина Прилеп упатија апел до сите граѓани да не се потпалуваат стрништа.
– Овие неконтролирани пожари претставуваат сериозна закана за нашите отворени простори, а уште полошо, можат да загрозат населени места, објекти и манастарски храмови!, се вели во апелот на општината.
Од таму додаваат дека противпожарни екипи се деноноќно на терен, посветено и неуморно се борат со огнената стихија.
