
Општина Кисела Вода со голема загриженост ја следи ситуацијата со огромните пожари што ја зафатија Источна Македонија. Денес, во знак на солидарност и поддршка кон погодените подрачја, беше испратено комбе со помош која содржи вода за пиење, сокови, напивки, конзервирана храна и други намирници кои му се потребни на населението во тие области.
-Во моменти на криза, солидарноста и заедништвото се од клучно значење. Општина Кисела Вода ја изразува својата поддршка и солидарност со сите погодени од пожарите. Се надеваме дека оваа криза ќе заврши брзо и со што помала материјална штета. Ваквите тешки моменти нè потсетуваат на важноста од помагање едни на други и затоа ги повикувам и другите општини да испратат помош во погодените подрачја. Заедно, со единство и солидарност, можеме да ги надминеме сите предизвици- изјави градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски.
