Израелец убиен во вооружен напад на окупираниот Западен брег

Еден Израелец е убиен а друг е ранет во вооружен напад на Палестинци кои отвориле оган на голема сообраќајница на окупираната од Израел палестинска енклава Западниот брег (на реката Јордан), соопшти израелската служба за итна помош.

Вооружената фракција на милитантното движење Хамас ја презема одговорноста за нападот на Западниот брег, каде управува Палестинската самоуправа на ривалското движење Фатах.

Израелската војска потврдувајќи го смртоносниот напад соопшти дека трага по осомничените напаѓачи, блокирајќи ги патиштата и вршејќи претреси.

Подоцна, Бригадите на ал-Касам, најбројната вооружена фракција на Хамас, објави дека нејзините припадници кои се стационирани на Западниот брег убиле израелски војник од непосредна близина во населбата Мехола во долината на реката Јордан во енклавата и „безбедно се вратија во своите бази“.

Насилството на Западниот брег, коешто беше веќе во пораст поради засиленото пристигнување на еврејските доселеници и подигнување на доселеничките населби и пред војната во другата палестинска енклава Појасот Газа, дополнително се засили. Меѓународната заедница, осудувајќи го насилството на двете страни, на Израел му забележува дека ги толерира насилствата од доселениците врз локалното население и за постојаните воени претреси и апсења на Палестинците на Западниот брег.