Кушовски: На ЈСП во моментот му недостигаат 40 автобуси, не сме ни близу да го покриеме претстојниот зимски возен ред

Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) во моментов сообраќа со недоволен број на автобуси за пополнување на возниот ред, вели директорот Драги Кушовски во интервју за МИА и ги повикува институциите да излезат во пресрет за обнова на возниот парк на ЈСП.

„Се надевам дека институциите ќе најдат сили да му помогнат на ЈСП, бидејќи со овој возен парк со кој што располагаме не можеме да го покриеме постоечкиот зимски возен ред. Ние не сме ни од далеку блиску да го покриеме тој зимски возен ред. Правиме некои оптимизации во рамките на претпријатието, не знам дали ќе имаме доволно време да се почне со оптимизации на возни редови и не знам дали ќе имаме доволно време да ги направиме до 1 септември, бидејќи секоја оптимизација на возен ред мора да помине преку Советот на Град Скопје“, рече Кушовски.

Прашан зошто дисплеите на автобуските постојки не го покажуваат точниот возен ред, Кушовски вели дека согласно интерните акти, ЈСП не може да направи промена на возниот ред.

„Не можеме бидејќи возниот ред се утврдува преку Совет на Град Скопје и ЈСП не може сам да направи промена на возниот ред. Може да даде предлог до секторот сообраќај до Град Скопје и потоа до Советот за тој возен ред се прифати. Ние тоа го правиме во моментов, јас сум само еден месец тука, но сакам тоа квалитетно да биде направено, да не биде само направено дека нешто сме сработиле за да може да го дадеме предлогот понатаму,“ рече Кушовски.

Директорот тврди дека сите автобуси кои сообраќаат се технички исправни, поминуваат технички преглед на шест месеци и редовно се проверуваат во базите на ЈСП, но како што рече, возниот парк е стар повеќе од 13 години и тековно може да се случи каков било дефект.

„Секојдневно се менуваат и возачи и сообраќаат по многу километри на дневна основа и затоа кажувам автобуси кои што во моментот имаат круцијални дефекти, како што се кочници, според моите информации кои што ги добивам од службите, не се пуштаат во сообраќај. За светло или некоја гребнатинка која што настанала во текот на возењето може да се случат такви работи“, рече Кушовски.