
На денешната седница на Одборот на директори на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, Марјан Стефановски беше избран за нов директор на ова претпријатие. Во соопштението се истакнува дека Стефановски е искусен кадар со долгогодишно искуство во претпријатието, вклучувајќи и раководни позиции.
Стефановски доаѓа на оваа позиција со јасен план за реформи и развој на претпријатието, со цел да се постигнат високи резултати и успеси. Како прв чекор, тој одлучи да се откаже од службеното возило за дневни потреби во Скопје и од службената платежна картичка. Исто така, планира да ги сведе сите непродуктивни трошоци на нула.
-Ова претпријатие има огромен потенцијал да креира вредности и да диктира текови, да создава за доброто на државата и граѓаните. Планирам сериозни проекти, но и кратења. Ќе работиме ефикасно, одговорно, посветено и транспарентно, имаме високи амбиции. Сакам да бидеме пример за успешно работење,“изјави Стефановски.
АДИССДП, или популарно ПУИГ, е претпријатие кое располага со недвижности, станбен и деловен простор во државна сопственост на територијата на Македонија и во странство.