Потребна е мобилизација во ЈСП, а не кредит за набавка на автобуси што ќе стигнат догодина

Премиерот Христијан Мицкоски смета дека проблемот што скопјани го имаат со јавниот градски превоз нема да се реши доколку во моментов биде отпочната постапка за набавка на 250 нови автобуси, како што изминатиот период бара скопската градоначалничка Данела Арсовска.

„Денеска да поддржиме одлука или да почнеме процес за набавка на автобуси само за Скопје, истите ќе бидат испорачани за следната учебна година. Ние стоиме на располагање да слушнеме план, да го поддржиме тој план, но ако е планот ‘гласајте да земеме кредит за да набавиме автобуси коишто ќе стигнат догодина’, тоа нема да го реши проблемот којшто денеска го имаат скопјани“, изјави Мицкоски на денешната прес-конференција во Владата на која беше презентиран проектот за 250 милиони евра за инфраструктурни и капитални проекти за развој на општините.

Во оваа смисла премиерот додаде дека проблемот се решава со мобилизација во Јавното сообраќајно претпријатие со, како што рече, вистинско и наменско трошење на средствата кои скопјани преку градската каса му ги даваат како субвенција на ЈСП. Но тоа, додава, не може да го стори Владата, туку Град Скопје, т.е. менаџментот на ЈСП.

На новинарска забелешка дека набавката на 250 нови автобуси е дел од програмата на актуелната скопска градоначалничка, која ВМРО-ДПМНЕ ја поддржа на локалните избори во 2021 година, Мицкоски вели:

„Ние понудивме уште тогаш кога сè уште бевме во коалиција со независниот кандидат госпоѓа Арсовска, понудивме решение дури и компанија којашто ќе отвори фабрика, електрични автобуси, но тоа остана на иницијатива само на едната страна. Немавме соговорник и партнер од другата страна за сето ова да продолжи.“

Тој ја истакна потребата од автобуси и за другите градови. Потреба од автобуси, вели Мицкоски, имаат и Тетово, Битола, Прилеп, Штип, Кавадарци, Охрид. Ако на Скопје му требаат 250 автобуси, и на другите градови сигурно им требаат уште толку, рече премиерот.