
Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска Давкова денеска објасни како дошло до дипломатскиот пропуст со неистакнувањето на македонското знаме на средбата со Румен Радев во Софија.
Таа во интервју за телевизија Сител порача дека видела оти го нема знамето, и мислела да си замине, но со тоа ќе направела скандал.
„Јас не знаев дека ќе треба да се сликам и во просторот каде што се одржуваат фотосесиите. Кога тргнавме ние, мислев дека ќе одиме во просторија за разговор, одеднаш кога влегов во просторијата ги видов двете знамиња и требаше да размислувам што да направам. Во тој момент едната мисла беше дека можам да си заминам и тогаш ќе направев скандал, а другата беше дека домаќинот ги утврдил правилата и дека домаќинот, а не јас греши и дека што е подобро си велам“, вели Сиљановска Давкова.
Според неа, ако си заминела, посетата немало да постои но и ќе имало нова сенка.
„Во тој момент, и покрај тоа што не знам што ми се случува во организмот, решив дека е подобро сепак да не правам скандал, значи не го направив јас скандалот и гафот, туку домаќинот веројатно направил превид или што јас очекував? Јас очекував претходно да ми каже некој дека ќе има снимање за да можам јас да одговорам“, додава Сиљановска Давкова.