
Хезболах лансираше ракети од Либан кон северен Израел во петокот, како одговор на координираните експлозии оваа седмица на илјадници на пејџери и воки-токи кои ги користеле припадници на проиранското шиитско движење.
Израелската војска соопшти дека биле истрелани околу 140 проектили, а предупредувачките сирени се слушаат низ северен Израел. На жителите им е кажано да бараат засолниште, но сѐ уште нема информации за настрадани.
Хезболах ја презеде одговорноста за нападите и соопшти дека истрелал ракети „катјуша“ кон Израел.
Последниот развој на настаните дојде откако Израел во четвртокот вечерта објави дека погодил околу 100 ракетни фрлачи користени од Хезболах, „кои се подготвени да се употребат во блиска иднина за цели на израелска територија“.
Последните денови расте стравот од разгорување вистинска војна меѓу Хезболах и Израел. Најмалку 37 луѓе загинаа во Либан во експлозии на стотици пејџери што ги користеа членовите на Хезболах во вторникот и воки-токи во средата.
Одговорноста за нападот му се припишува на Израел, кој секојдневно разменува оган со Хезболах од почетокот на конфликтот во Газа пред речиси една година. Оттогаш, во Либан се убиени околу 600 луѓе, од кои повеќето припадници на Хезболах, додека 52 лица, од кои 26 цивили, се убиени во Израел.