Поплавени центри во неколку градови во БиХ, најмалку три жртви

Целосно поплавени се центрите на неколку градови во северниот дел на Херцеговина и централниот дел на Босна, а најтешка е состојбата во Јабланица, која е целосно изолирана од сообраќај.

Како што е потврдено за Klix.ba, човечки жртви имало во селото Злате кај Јабланица, каде состојбата е најлоша. Најмалку три лица загинаа.

Во текот на целата изминатата ноќ обилните врнежи од пороите ги претворија центрите на градовите во реки, поплавени се станбени и деловни објекти, а сообраќајот воопшто не беше овозможен.

„Во моментот не може да се влезе и да излезе од Јабланица“, известија од планинската спасувачка служба Јабланица.

Тие изјавија дека сообраќајот кон Мостар и Сараево е во прекин. На својата Facebook страница објавија видео на кое се гледа како центарот на градот е претворен во река.

Се повикуваат граѓаните да не излегуваат од домовите, а оние кои можат да се обратат до надлежните служби за помош.

На коловозите има бројни одрони. Слична е ситуацијата и во соседен Коњиќ. Поплавен е и центарот на Кисељак во централна Босна, што локалниот градоначалник Младен Мишуриќ Рамљак го нарече поплава од библиски размери.

Владата на Херцеговско-неретванската жупанија со седиште во Мостар ја нарече ситуацијата критична и ги повика граѓаните да не се движат кон Коњиќ и Јабланица.

Најавите за нови обилни дождови даваат причина за дополнителна загриженост.