
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш претпладнето пристигна во Казан, за да учествува на самитот на БРИКС, објавија локалните власти на Telegram. Tој беше пречекан од шефот на Парламентот на Руската Република Татарстан, Фарид Мухамечин.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, кој пристигна во Казан во средата, во четврток ќе разговара со Путин за Украина, објави Кремљ.
ОН официјално не го потврдија состанокот, но во вторникот најавија дека Гутереш ќе разговара со „голем број лидери кои учествуваат на самитот“.
Тоа ќе биде нивна прва средба во Русија од април 2022 година.
Во Казан, „генералниот секретар ќе ги потврди своите добро познати ставови за војната во Украина и условите за праведен мир заснован на Повелбата на ОН и резолуциите и меѓународното право“, изјави во вторникот неговиот портпарол Фарха Хак.
Гутереш често истакнува дека „нема место во современиот свет“ за руска анексија на украинските региони.
Шефот на украинската дипломатија во понеделникот оцени дека Гутереш направил грешка со прифаќањето на посетата на Казан. „Тоа само ќе му наштети на угледот на ОН“, објави тој на X. Тоа портпаролката на руската дипломатија Марија Захарова, исто така, преку социјалните мрежи го нарече „хистерија на Киев“.
Путин во вторникот одржа серија билатерални средби, во прв ред со кинескиот претседател Си Џинпинг и индискиот премиер Нарендра Моди. Тие земји не ја осудија инвазијата на Украина или анексијата на украинските територии.