
Во седиштето на Демократската унија за интеграција во Тетово, претседателот на ДУИ, Али Ахмети, го прими амбасадорот на Европската унија, Михалис Рокас.
Како што изестуваат од ДУИ, Ахмети и Рокас „долго разговараа“ за сите политички прашања во земјата, за неопходните реформи за европска интеграција, за легитимитетот и Рамковниот договор, како и за изборите во Македонија.
Ахмети го информирал амбасадорот Рокас дека „ДУИ е партија која ни за момент не се колеба од својата евроатланска определеност и ориентација“.
„За нас евроинтеграциите се без алтернативи и ДУИ дава целосна поддршка за продолжување на преговорите и спроведување на реформите без никакво одлагање и со политички консензус“, се вели во партиското соопштение во кое се цитира Ахмети.
Во однос на Рамковниот договор, Ахмети потсетил дека ЕУ и САД се гаранти на „мировниот договор“ и дека меѓуетничките односи се многу оптоварени со непромислените чекори на владата во однос на албанскиот јазик, етничката припадност, правичната и соодветна застапеност итн.
„Северна Македонија и Македонците не изгубија ништо од рамноправноста со Албанците, а државата воопшто не е загрозена од спроведувањето на Охридскиот договор. Политичкиот дијалог во државата мора да го почитува изборниот легитимитет на легитимните претставници на етничките заедници бидејќи тоа овозможува стабилност, безбедност и социјална кохезија. Ахмети повтори дека решението за оваа тешка ситуација се заедничките парламентарни и локални избори во октомври 2025 година“, соопштија од ДУИ