Скопје е во десетте најзагадени градови во светот

Скопје и вечерва е меѓу градовите со највисоко ниво на загаденост, покажуваат податоците од платформата на Министерството за животна средина air.moepp.gov.mk Според најновите измерени вредности, концентрацијата на ПМ10 честички во воздухот во центарот на Скопје изнесува 276 µg/m3, што е највисока вредност меѓу сите мерни станици во земјава.

Во други делови на државата, загаденоста исто така останува висока: во Струмица е регистрирано загадување од 178 µg/m3, во Кичево 158 µg/m3, во скопската населба Лисиче 152 µg/m3, во Гостивар 118 µg/m3, а во Охрид 110 µg/m3.

Овие вредности ги надминуваат дозволените граници, особено во центарот на Скопје, каде што концентрациите се екстремно високи.

Скопје утрово беше седми на светската листа на градови со најзагаден воздух, според листата на IQAir. Во текот на денов, главниот град постојано беше на врвот на листата според штетните честички во воздухот. Најалармантни се бројките на мерната станица во Лисиче.

Со исклучително лоши показатели, со неколкукратно повеќе отровни честички од предвидените на Светската здравствена организација се и Кочани, Струмица, Тетово и Гостивар.

– Имаме акционен план за намалување на загадувањето на воздухот. Еден од проектите е гасификација на урбаните центри, иако неколку пати не успеал, треба да се изврши повторен обид бидејќи има заинтересирани компании кои би го спровеле ова преку јавно-приватно партнерство – изјави министерот за животна средина и вицепремиер Изет Меџити, најавувајќи дека Владата има акциски план за намалување на загаденоста.

Според СЗО, годишно има по седум милиони смртни случаи како последица на загаден воздух, а дури 91 процент од светското население живее во региони каде загадениот воздухот ги надминува пропишаните лимити.