
Руското Министерство за енергетика предложи укинување на забраната за извоз на бензини, изјави во средата министерот Сергеј Цивилов, истакнувајќи дека цените на домашниот пазар се стабилизирале по период на посилна побарувачка.
„Министерството за енергетика подготви предлози за укинување на забраната за извоз на бензини и веќе ги достави до владата на разгледување. Состојбата на пазарот е стабилна, па може да се укинат рестрикциите“, рече министерот, потсетувајќи дека извозот е забранет за да се стабилизираат цените на домашниот пазар.
Владата на почетокот од март го забрани извозот на бензини на шест месеци за да обезбеди снабдување на домашниот пазар. Во мај ја прекинаа забраната на еден месец, заклучувајќи дека домашниот пазар е „заситен“. Рафинериите би можеле да ја намалат преработката поради акумулираните залихи, а пристаништата мора да испраќаат пратки нарачани од странски купувачи, објаснуваат тие.
Пред да истече забраната на крајот од август, решија да ја продолжат до крајот на годината за да се задоволи вообичаено посилната домашна побарувачка во тој период од годината и да се „покрие“ периодот на редовно одржување во рафинериите.
Лани Русија произвела 43,9 милиони тони бензини, а извезла околу 5,76 милиони тони или околу 13 отсто од производството. Најголеми производители на бензини беа рафинеријата на „Газпром Нефт“ во Омск, рафинеријата НОРСИ на „Лукоил“ во Нижни Новгород и рафинеријата на „Роснефт“ во Рјазан.
Најголеми увозници на руски бензини се африканските земји, вклучувајќи ги Нигерија, Либија, Тунис и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), забележува Reuters.