
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во рамките на посетата на Будимпешта каде предводеше делегација на МВР на 7 Министерска конференција од Будимпештанскиот процес ги посети специјализираните оддели TEK (Центар за борба против тероризмот) и Keszenleti Rendőrség (Оддел за брз одговор и специјални полициски служби) на унгарската полиција.

-Во рамките на двете посети реализирав средби со директорите на кои ми беше презентирана организациската структура и капацитетите на овие оддели, како и нивниот пристап во справување со современите безбедносни предизвици. Разговаравме за можности за соработка во делот на обуките за нашите полициски сили, со цел јакнење на капацитетите и унапредување на знаењата и вештините кои се од витално значење за справување со најразлични безбедносни ситуации. Оваа размена на искуства ме увери дека постои силна поддршка и подготвеност за заедничко делување и партнерство, кое ќе придонесе за подобра безбедност во нашиот регион, истакна министерот Тошковски.

Министерот Тошковски ја потенцираше уште еднаш посветеноста на градење меѓународни односи и партнерства кои ќе ја зајакнат нашата полиција и ќе обезбедат поголема безбедност за сите наши граѓани.