
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, во рамките на редовните посети на институциите од областа на културата, денеска го посети Македонскиот народен театар, а присуствуваше и на пробата на актерите за претставата „12“ , адаптација на познатото сценарио „Дванаесет гневни луѓе“ во режија на Синиша ефтимов.
Во изјавата за медиумите Љутков рече дека во МНТ затекнал две состојби – од едната е пресреќен, откако видел како течет работите на претставите што се во тек, додека од другата, како што рече, е ужаснат и шокиран.
„Шокиран сум од состојбата во која се наоѓа театарот, а која трае веќе 7–8 години. Иако се знаело за состојбата и во текот на годините имало обезбедени средства за поправки и прекравки, тоа сепак не се случило. Театарот е изграден со многу љубов. Актерите на МНТ добиле прекрасна зграда за која не велам дека немало пропусти во изградбата, но сепак од 2017 година морало да се интервенира и да се одржува. Во однос на буџетот, имало години кога МНТ имал по 20 милиони денари за продукција. Во 2017 имало 14 милиони денари, а денес имаме 4 милиони денари“, рече министерот Љутков.

Љутков изрази изрази задоволство од менаџерската работа на директорот Никола Кимовски кој во моментов продуцира неколку претстави во МНТ за кои дел од средствата се обезбедени од Министерството за култура и туризам.
Тој изрази уверување дека „од година во година и во делот на инвестициите и во делот на програмите, заедно со менаџерите, ќе го разбудиме заспаниот џин покрај Вардар и ќе им го вратиме сјајот на институциите“.