ВИДЕО| Украина првпат ја нападна Русија со американски ракети ATACMS

Украинските сили го одбележаа 1.000-от ден од војната во Украина, со изведување на првиот напад на руска територија со американските ракети со долг дострел, соопштија утрово украинските воени претставници.

Голема експлозија го осветли ноќеска небото на околу 124 километри од најблиската украинска граница, во складиште за муниција во Карачев, во рускиот Брјански регион.

Очевидци и руски воени блогери објавија дека складиштето било погодено со проектили, а украинските воени претставници подоцна потврдија за РБЦ Украина дека нападот бил извршен со ракетите АТАCМS.

Територијата на Брјанската област ноќе беше погодена со шест ракети АТАCMS, од кои пет беа соборени од комплексот „Панцир“, а уште една беше е погодена, соопшти руското Министерство за одбрана.

„Вечерва во 03:25 часот, непријателот погоди објект на територијата на областа Брјанск со шест балистички ракети, според потврдени податоци, во нападот биле употребени оперативно-тактички проектили од американско производство. Соборени се од страна на борбените екипажи на системот за противвоздушна одбрана С-400 и системот за противвоздушна одбрана „Панцир“, 5 проектили, 1 е оштетена“, соопшти Министерството за одбрана.

„Нејзини фрагменти паднаа на техничката територија на воениот објект во регионот Брјанск, предизвикувајќи пожар кој веднаш беше изгаснат, немаше жртви или уништување“, велат тие.

Руското Министерство за одбрана ги потврди податоците за употребата на оперативно-тактичките ракети ATACMS од американско производство.

Претходно, американскиот претседател во заминување Џо Бајден и даде зелено светло на Украина да користи западно оружје на руска територија.

Извештаите за нападот се појавија само неколку минути откако Кремљ се закани со „нуклеарен одговор“ доколку Украина нападне цели на руска територија користејќи западно оружје со долг дострел.

„Руската Федерација го задржува правото да користи нуклеарно оружје во случај на агресија врз неа со конвенционално оружје“, изјави утринава портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Неговата изјава дојде пред Владимир Путин ја одобри ажурираната нуклеарна доктрина која дозволува употреба на нуклеарно оружје доколку територијата на Русија е загрозена од ненуклеарна нација поддржана од нуклеарна сила.

Според оваа доктрина, заканите кои би го поттикнале руското раководство да размисли за нуклеарен напад вклучуваат напади со конвенционални ракети, беспилотни летала или други авиони.