
Британските фармери ги возеле своите трактори пред зградата на парламентот во центарот на Лондон во средата, протестирајќи против контроверзниот данок на наследство од 20 отсто на фармите чијашто вредност е проценета на повече од милион фунти, неодамна најавен од лабуристите.
„Не ја гризете раката што ве храни“, можеше да се прочита на некои од транспарентите на демонстрантите.
Многу од тракторите со коишто фармерите се довезоа во близина на Вестминстерскиот дворец биа украсени со британски знамиња.
„Данокот на наследство е последната капка“, им изјави на новинарите 44-годишниот Вилијам Пикеринг, сопственик на фарма на претежно млечни крави во Танбриџ, во грофовијата Кент. „Чекаме владата да сфати дека сторила голема грешка и да ја острами“, додава и истакнува дека е подготвен да протестира колку и да е потребно.
На 19 ноември, речиси 10.000 луѓе се собраа на протести против овој владин проект.
Досега, фармите во Обединетото Кралство можеа да имаат полза од изземањето од данокот на наследство на стоки и имот, а тоа се мерки коишто требепе да го олесната преземањето на фармите.
Но на 30 октомври, при претставувањето на буџетот, владата објави дека од април 2026 година споменатото ослободување повеќе нема да важи за фармите чијашто вредност надминува милион фунти (околу 1,20 милиони евра).
Сега и тие ќе подлежат на одданочување од 20 отсто, половина од вообичаената стапка на данокот на наследство.
Иако Министерството за финансии го бранеше воведувањето на промените, тврдејќи дека тие ќе влијаат само на најбогатите фарми, а тоа според проценките на владата се околу 500 фарми, додека земјоделците и лидерите на индустријата ја оспоруваат бројката. Одделот за животна средина, храна и рурални прашања (Defra) известува дека 66 отсто од фармите се проценети на повеќе од милион фунти.
Земјоделците тврдат дека овие бројки покажуваат колку владата го потценила бројот на погодените фарми.
Британските земјоделци, кои се исклучени од Заедничката европска земјоделска политика (CAP) по брегзитот, имаат проблем со недостиг од работна сила и финансиски средства.