
Нужни и неизбежни се реформи во македонското судство. Што поскоро се случат, подобро ќе биде и за реномето на Македонија како држава, ама и за граѓаните. Болни ќе бидат секако, и тоа многу. Најпогодени од таа реформа се СДСМ и ДУИ. Нивните партиски војници немилосрдно го запоседнаа судско-обвинителскиот сектор. Како вирус се раширени. Затоа рејтингот на овој сектор е толкав, што на човека да му е срам да го изусти.
Христијан Мицкоски ги најави реформите, и отворено кажа зошто тие ќе се случат.
Веднаш, како попарени, реагираа и СДСМ и ДУИ, и нивните мегафони – луѓето во овој сектор биле професионалци?!
Овие две партии уште сметаат дека ние граѓаните веруваме дека Дедо Мраз навистина постои. Тоа што го гледаме, не сме го виделе. Како на пример во оној случај на Зоран Заев, кога го видовме снимен на видео запис како бара мито, ама судските „професионалци“ од СДСМ досудија дека тоа што јавноста го виде, всушност не го виде! Е сега, повторно истата стратегија. После толку години. Весна Дамева била професионалец?! Тоа што социјалните мрежи се преполни со нејзини фотографии, на кои таа како верен партиски војник е паркирана и стои мирно до тогашниот нејзин партиски лидер Зоран Заев, всушност е друго. Сега СДСМ нема пресуда дека тоа што го гледаме, всушност не сме го виделе, ама не’ убедува оти тоа е така. Тоа што го гледате не важи, слушајте што ви соопштуваат од Бихаќка.
Исто е и со ДУИ и на пример со нивниот кадар во обвинителството Ислам Абази. Кадарот на ДУИ беше назначен на местото на Вилма Русковска, поточно на функцијата Јавен обвинител за гонење организиран криминал и корупција пред две години. Дојде од местото Виш Јавен обвинител на Гостивар. Само што беше назначен на новата функција, веднаш се појавија негови фотографии на кои е со Али Ахмети, но и со други високи партиски функционери на ДУИ. И сега и тоа што го гледавме Абази на тие фотографии, всушност не сме го виделе. Тој е професионалец?! Да, неговата „професионалност“ се покажа во случајот со Иџет Мемети.
Токму поради „професионалците“ како Дамева и Абази, под итно е потребна длабинска реформа во овој сектор. И не само поради нив двајца. Уште многу ги има. Тоа што ќе трубат од штабовите на Бихаќка и Мала Речица, треба да се земе во предвид само како несмасен хумор. Нека трубат колку им душа сака. Нека нарачуваат текстови по медиуми слободно. Нека тераат нивни пулени да изигруваат кловнови пред јавноста, мислејќи дека ги убедуваат граѓаните оти навистина веруваат дека судскиот сектор во Македонија е професионален. Рејтингот кажува се’.
Чекам само кога ќе почнат да го величат и да го кажуваат како позитивен пример случајот на Џо Бајден, кој како претседател на САД, го помилува од кривичен прогон својот сопствен син Хантер.
Автор: Дејан Николовски