
Главниот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград, во петокот побара од судот максимална казна за родителите на момчето кое во мај 2023 година со пиштолот на неговиот татко во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“ уби девет соученици и чувар а рани уште пет ученици и наставничката.
Обвинителот Ненад Стефановиќ во завршниот збор на судењето пред Вишиот суд во Белград предложи 12 години затвор за тешкото дело против општата безбедност и три години затвор за кривично дело запоставување и злоставување малолетно лице и побара единствена казна од вкупно 14 години и 11 месеци затвор, јави Радио-телевизија на Србија (РТС).
За мајката Миљана Кецмановиќ предложи две ипол години затвор и парична казна од околу 4.100 евра за кривично дело недозволено поседување оружје и три години затвор за запоставување и злоставување малолетник, со единствена казна затвор од пет години и пет месеци.
Обвинителот предложи максимална затворска казна од три години за инструкторот по стрелање Немања Маринковиќ од стрелиштето каде таткото го носел синот на вежбање пукање од огнено оружје затоа што дал лажен исказ во текот на истрагата.
За таткото на момчето, кој беше уапсен веднаш по злосторството во училиштето, е побарано да му се продолжи притворот и трајно да му биде одземено огненото оружје.
Обвинителот за мајката бара да ѝ се изрече дополнителна мерка забрана за приближување, средба или комуникација со нејзиниот син кој изврши масовно убиство, бидејќи околностите за кои претходно е утврдена оваа мерка „не го изгубиле значењето“. По убиството момчето беше сместено во специјална психијатриска установа.
Во продолжение на судскиот процес ќе следат завршните зборови на претставниците на родителите на убиените и ранетите деца, адвокатите на обвинетите и родителите на момчето, а потоа се очекува првостепената пресуда.
Масовното убиство во училиштето „Владисалв Рибникар“ на 3-ти мај 2023 година е злосторство без преседан во поновата историја на Србија.
Само ден подоцна, во вечерните часови, 21-годишниот Урож Блажиќ уби девет и рани 12 млади луѓе во две села во близина на Белград. Блажиќ на 12-ти декември незаконски беше осуден на 20 години затвор, што е максималната казна предвидена со Кривичниот законик на Србија. Српскиот кривичен законик предвидува доживотен затвор само за оние со навршени 21 година.