Израелскиот министер за безбедност дојде во Ал Акса поради „молитва“ за заложниците во Газа

Израелскиот ултранационалистички министер за безбедност дојде во областа на џамијата Ал Акса во Ерусалим за, како што рече, да се „моли“ за заложниците во Газа, со што уште еднаш ги доведе во прашање правилата поврзани со едно од најчувствителните места во Блискиот исток.

Официјалниот став на Израел е дека ги прифаќа децениските правила кои ја ограничуваат немуслиманската молитва на местото, третото најсвето место во исламот, кое Евреите го нарекуваат Ридот на храмот и го почитуваат затоа што во него имало храм од предбиблиско време.

Според деценискиот договор со муслиманските власти, со Ал Акса управува јорданска верска фондација, а според децениските правила, Евреите можат да ја посетат но не можат да се молат таму.

„Денеска стигнав до нашето свето место во молитва за благосостојба на нашите војници, за брзо враќање на сите заложници и целосна победа со Божја помош“, напиша тврдолинијашкиот министер за безбедност Итамар Бен-Гвир на социјалната мрежа Х.

Објавата вклучува и фотографија на која се гледа како Бен-Гвир шета низ област на врвот на ридот во Стариот град во Ерусалим, но немаше фотографии или видеа од него како се моли.

Кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху веднаш објави соопштение во кое го повтори официјалниот став на израелската држава.

Палестинската милитантна група Хамас киднапираше околу 250 луѓе во својот напад врз јужен Израел на 7 октомври 2023 година, при што според израелските податоци загинаа 1.200 луѓе. Во војната во Газа што следеше, израелските сили убиле над 45.300 Палестинци, според здравствените власти во енклавата управувана од Хамас.

Предлозите на израелските ултранационалисти дека Тел Авив би можел да ги промени правилата во областа на џамијата предизвикуваа жестоки судири со Палестинците во минатото. Во август, Бен-Гвир го повтори своето барање на Евреите да им биде дозволено да се молат таму, што доведе до остри критики.