
Почнувајќи од денес, започнува со работа новата подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар на недвижности, лоцирана во скопската населба Гази Баба, која првенствено е наменета за граѓаните на Гази Баба, но и за околните општини Чаир и Бутел. Подрачната канцеларија се отвора по цели 12 години и во неа граѓаните ќе можат поблиску, побрзо и полесно да ги добијат услугите на агенцијата од сите организациски единици.
Станува збор за целосно нов, опремен и реновиран простор, лоциран во скопската населба Автокоманда (улица Трифун Хаџи Јанев бр. 10), веднаш до дирекцијата на Агенцијата за катастар на недвижности.
„Отворањето на новата подрачна канцеларија е чекор напред во процесот на доближување на услугите до граѓаните, преку кои тие ќе бидат подостапни за секого. Оваа новина е во насока на доближување на услугите на агенцијата до граѓаните на една од најголемите и економски развиени општини во државата. И, не само Гази Баба, туку и Чаир и Бутел. Посебно задоволство ми е што на крајот на годината реализираме еден важен проект на кој заедно со мојот тим макотрпно работевме во изминатиот период“, истакна директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски.

Тој додаде дека и во следната година ќе продолжи фокусот на подобрување на корисничкото искуство, доближување на услугите до граѓаните, како и нивна модернизација и дигитализација, процеси кои веќе започнаа оваа година.

Живковски информираше дека подрачната канцеларија во населбата Автокоманда ќе биде отворена за граѓаните секој работен ден во периодот од 07:30-15:30 часот.