СЗО повторно бара од Кина информации за потеклото на коронавирусот

Пет години по почетокот на пандемијата ковид-19, Светската здравствена организација (СЗО – WHO) повторно побара од Кина во понеделникот да сподели податоци и информации за да разјасни како започнала пандемијата.

„Продолжуваме да ја повикуваме Кина да сподели податоци и пристап за да можеме да го разбереме потеклото на ковид-19. Ова е морален и научен императив. Без транспарентност, споделување и соработка меѓу земјите, светот не може соодветно да се подготви или спречи идни епидемии и пандемии“, се наведува во соопштението на СЗО.

Здравствената агенција на ОН потсети дека на 31-ви декември 2019 година, нејзината канцеларија во Кина дознала за случаи на „вирусна пневмонија“ во градот Вухан.

„Во седмиците, месеците и годините што следеа, ковид-19 ги ​​промени нашите животи и нашиот свет“, велат од СЗО.

Претходно овој месец, генералниот директор на организацијата, Тедрос Аданом Гебрејесус, одговори со „и да и не“ на прашањето дали светот е подобро подготвен за можна следна пандемија.

„Доколку следната пандемија се случеше денес, светот сè уште ќе се соочуваше со истите слабости и ранливости што дозволија ковид-19 да завладее и да се шири пред пет години“, рече тој на прес-конференција.

„Но, светот научи и многу болни лекции од пандемијата и презеде важни чекори за зајакнување на одбраната од идните епидемии и пандемии“, додаде Тедрос.

Во декември 2021 година започнаа меѓународните преговори за постигнување договор за превенција, подготовка и одговор во случај на нова пандемија. 194-те земји-членки на СЗО кои преговараат за договорот се согласија за поголемиот дел од она што треба да го содржи, но се заглавени на важни практични аспекти. Во моментов, рокот за завршување на преговорите е поставен до мај 2025 година.