2025 година: Проектирајте го својот пат на среќата

Споро ќе оди отфрлањето на токсичното наследство на Заев и неговата политичка булумента. Секако дека и во 2025 година ќе продолжиме да ја сонуваме „безалтернативната“ Европа, ќе живееме во процепот на новиот свет кој никако да се роди, со проблемите со нашите „пријателски“ настроени соседни држави, ќе се занимаваме со самите себеси, ќе глумиме политичка и економска независност додека светот се менува и прилагодува на новиот глобален поредок.

Испраќајќи ја старата година не можеме да избегаме од облакот на очај што ја закопа нашата земја и кој е толку густ што ни ја троши енергијата и ни ја краде иднината. Нашите приоритети во животот оддамна се изобиличени, како држава и како поединци. Премногу нови години на изгубени надежи не’ направија неуспешни во потрагата по среќата. Реалноста не’ научи дека нашата среќа и желби, без разлика дали како поединци или како колектив во Македонија, не постојат надвор од политиката. Со власт каква што ја имавме до неодамна која не беше способна да креира услови за квалитетен и среќен живот, бевме условени да веруваме дека нашиот недостаток на среќа и исполнетост во животот е личен проблем и вина на нас самите, никако на политиката. Тоа требаше да биде вина на нашиот природен дизајн. Или дизајнот на македонскиот граѓанин по желба на власта. Да, претходната власт не’ направи очајни луѓе без надеж во животот.

Многу е тешко да бидете задоволни од вашиот живот во држава која не се грижи за вашата благосостојба и која со нејзиното однесување зема голем данок на вашето расположение, здравје и физички опстанок. Тоа ве остава беспомошни и обземени од стрес и анксиозност. Наместо потрага по среќа претходната власт ни ја понуди депресијата како адаптација во време на неволја. Ни понуди и ја одржуваше депресијата како начин да се ослободиме од ризични и безнадежни ситуации во кои, едноставно не’ научи, дека не можеме да победиме. Премногу долго живеевме заробени животи од политиката, но со годините научивме да бидеме отпорни, да градиме издржливост подобро да се прилагодиме на настаните во кои не’ втурна неспособната власт, менувајќи ги нашите животи да се справиме со турбулентните времиња. 2024 година беше година кога ја вративме надежта во нашите животи. 2025 година треба да биде потврда на таа надеж дека вашиот живот сè уште може да манифестира убавина, љубов, среќа, па дури и хумор. Затоа, правото на поединецот – и одговорноста – да се стреми кон среќата кореспондира со одговорноста на новата власт да промовира средина што го поттикнува зрелиот развој на здрави, добро приспособени граѓани, кои пак се мотивирани да ја промовираат благосостојбата на целата заедница.

Секако дека споро ќе оди отфрлањето на токсичното наследство на Заев и неговата политичка булумента. Секако дека и во 2025 година ќе продолжиме да ја сонуваме „безалтернативната“ Европа, ќе живееме во процепот на новиот свет кој никако да се роди, со проблемите со нашите „пријателски“ настроени соседни држави, ќе се занимаваме со самите себеси, ќе глумиме политичка и економска независност додека светот се менува и прилагодува на новиот глобален поредок. Дали ќе продолжиме да гледаме во урнатините од своето минато или ќе прифатиме да бидеме дел од светот што се менува зависи од нас самите. И секако од новата власт која треба да ја засака неизвесноста што ја носи новото време. Зашто новата 2025 година доаѓа, сакале тоа ние или не. Секогаш верував и гледав дека иднината не е некој далечен хоризонт кон кој се тркаме; таа веќе се расплетува во сигналите и моделите на денешницата. 2025 година нуди прозорец за гледање подалеку од изборите и политиката. Од нас зависи колку далеку сме спремни да гледаме.

Без разлика како се чувствуваме, иднината е неизбежна. Тоа е завршена работа. Светот се менува. Квантните компјутери, вештачката интелигенција, роботиката и водородната енергија можеби звучат футуристички, но многу од овие иновации создавани со децении, изградени врз идеи кои некогаш биле отфрлени како научна фантастика, денес стануваат реалност. За Македонија 2025 може да биде далечна или посакувана иднина. Ако не се менуваме заробени од истите стравови и истите очекувања, 2025 година може лесно да не’ одмине. Без оглед дали сте оптимисти или песимисти за новата 2025 година, сепак новата година симболизира обнова, нудејќи ни можност да го оставиме зад себе минатото и да ја прифатиме иднината. 2025 година не смее да биде уште една бројка во нашиот животен календар. Во 2025 година ви посакувам да избереме и да се фокусираме на убавината и среќата, наместо на грдотијата и тагата. Да не мислиме на духовната и материјална беда во која не’ втурнаа, туку на убавината што не’ опкружува. Побарајте ја личната среќа во луѓето што ги сакате и ве сакаат. Во нивната насмевка. Доста растевме и созревавме низ болката која стана дел од македонскиот фолклор. Важно е да сфатиме дека можеме да ја избереме среќата, а потоа да ја следиме, зашто никој не е осуден на несреќа. Не чекајте пред да решите да бидете среќни. Направете го тоа во годината што доаѓа.

Среќна Нова 2025 година.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес