Фицо: Словачка ќе разгледа возвратни мерки поради украинското запирање на транзитот на гасот

Словачката владејачка коалиција и владата ќе разгледаат одмазднички мерки против Украина откако таа го суспендираше транзитот на руски гас за Словачка, изјави во четвртокот словачкиот премиер Роберт Фицо.

Во видео-пораката објавена на Facebook, Фицо рече дека неговата партија Смер ќе размисли за прекинување на снабдувањето со електрична енергија за Украина и за намалување на помошта за украинските бегалци и ќе побара продолжување на испораката на руски гас или компензација за загубите што ќе ги претрпе Словачка.

„Алтернативата за Словачка ќе биде продолжување на транзитот на рускиот гас преку Украина или компензаторни механизми“, рече Фицо.

Словачка владина делегација во вторник ќе разговара за ситуацијата во Брисел, додаде Фицо.

Поради транзитот на руски гас преку Украина, Фицо на 22-ри декември го посети рускиот претседател Владимир Путин во Москва.

Извозот на руски природен гас во Европа, преку цевководи од советската ера што минуваат низ Украина, беше прекинат во раните утрински часови на новата година, бидејќи истече договорот за транзит а завојуваните Москва и Киев не постигнаа договор за продолжување на протокот.

Транзитот на гас преку Украина сочинуваше приближно половина од вкупниот извоз на гас на Русија преку цевководи до Европа.

Како резултат на тоа, Украина ќе губи 800 милиони долари годишно како транзитни такси од Русија, а во Брисел проценуваат дека „Газпром“ ќе загуби речиси 5 милијарди долари, но руската компанија има можност делумно да ги компензира приходите од испораките преку други правци.

Русија сè уште извезува гас преку гасоводот Турски тек кој минува по дното на Црното Море. Турски тек има две линии – едната за турскиот пазар, а другата за снабдување на потрошувачите во Централна Европа, вклучувајќи ги Унгарија и Србија.

Молдавија, некогаш дел од Советскиот сојуз, е една од најтешко погодените земји. Ќе мора да воведе мерки за намалување на потрошувачката на гас за една третина и прогласи вонредна состојба од 60 дена.

Во декември Австрија одлучи да го раскине долгорочниот договор со „Газпром“, но сега се соочува со зголемување на цените на енергенсот за крајните потрошувачи поради зголемените такси за складирање во Германија.