
Србинот Новак Ѓоковиќ се пласираше во четвртфиналето на турнирот во австралиски Бризбејн, победувајќи го 55. играч во светот, Французинот Гаел Монфис, со 6:3, 6:3 за час и 13 минути игра.
Во дуелот меѓу ветеранот Ѓоковиќ, кој моментално е седми на АТП-листата, клучниот брејк го направи во првиот сет во четвртиот гем, а во вториот сет уште двапати му го одзеде сервисот на противникот, во третиот и во деветтиот гем.
Интересно е што 37-годишниот Ѓоковиќ на тој начин ја забележа 20-та победа во исто толку дуели со 38-годишниот Монфис. Првиот натпревар го одиграа на 30 август 2005 година на УС Опен.
„Играме многу години. Го познавам Гаел од мојата 15-та година. Игравме многу како јуниори и на Турот и имам добар резултат против него, но имавме неверојатни битки. Тој е еден од најдобрите, ако не и најдобар спортист во нашиот спорт“, изјави Србинот.
Ѓоковиќ, поранешниот светски рекет број 1 кој излегува од сезоната 2024 без Грен-слем титула, негова прва од 2017 година, ќе се обиде да ја освои 25-та Грен-слем титула на 37-годишна возраст на Австралија Опен, неговиот омилен турнир каде што победи десет пати. Отвореното првенство на Австралија започнува на 12-ти јануари во Мелбурн.