
Русија испорача 32,1 милијарди кубни метри гас во Европа преку гасоводи во 2024 година, 14 отсто повеќе отколку претходната 2023 година, пресметала новинската агенција ТАСС врз основа на податоците на рскиот енергетски гигант „Газпром“ и Европската мрежа на оператори на системи за пренос на гас (ENTSOG).
Во 2023 година, „Газпром“ испорачал околу 28,15 милијарди кубни метри во Европа преку гасоводи, според податоците на руската гасна компанија и ENTSOG.
Минатата година руската компанија испратила 15,4 милијарди кубни метри гас во земјите од Западна и Централна Европа преку Украина, шест отсто повеќе отколку во 2023 година.
Испораките за земјите од јужна и југоисточна Европа преку гасоводот Турски тек се зголемија за 23 отсто, на 16,7 милијарди кубни метри. Само во декември преку оваа рута од Русија во Европа пристигнале 3 отсто повеќе гас отколку во ноември.
Турција добила околу 20 милијарди кубни метри гас од Русија во 2024 година, покажуваат податоците на турскиот регулатор на енергетскиот пазар. Тоа значи дека испораките на руски гас во Европа, вклучително и Турција, би можеле да достигнат околу 52 милијарди кубни метри во 2024 година, наспроти 49 милијарди во 2023 година.
Договорот за транзит низ Украина предвидуваше транспорт на 40 милијарди кубни метри руски гас годишно. Киев одлучи да не го обнови договорот, па „Газпром“ ги прекина испораките во средата наутро, се вели во соопштението на компанијата.
Рускиот претседател Владимир Путин пред неколку дена изјави дека нема повеќе време за склучување нов договор, но дека Русија е подготвена да го испорачува енергенсот во Европа преку другите рути.
Украина е подготвена да обезбеди транзит на барање на Европската комисија, под услов гасот формално да не е „руски“. Рускиот претседател укажа на можноста за склучување договори со компании од Турција, Унгарија, Словачка и Азербејџан, јави агенцијата ТАСС.