Александар Камбовски е нов претседател на Судскиот совет

Судијата Александар Камбовски е нов претседател на Судскиот совет на Република Северна Македонија. Тој на функцијата, која ќе ја извршува во следните две години, беше избран едногласно на денешната 510. седница на Советот, прва во новата 2025 година.

Поддршка за изборот, Камбовски доби од сите 13 члена на Судскиот совет со право на гласа.

Предлогот тој да биде новиот претседател на Судскиот совет дојде од членот на Советот, Исамедин Лимани.

Освен Камбовски, немаше други предлози за највисоката функција во Судскиот совет.

„Еве, дојде време кандидат од Академијата да биде мојот предлог и ако го добие потребното мнозинство, тоа ќе значи дека лека полека кандидатите што се од Академијата ќе бидат носители на раководните позиции во правосудството. Затоа мислам дека Александар Камбовски има интегритет и кредибилитет да се бори за повеќе финансиска независност на судовите, бидејќи тие се оние што ја вршат судската власт, а Судскиот совет треба да им обезбеди услови за тоа. Камбовски има кредибилитет и интегритет да помогне во создавањето услови што побргу судиите да можат понепристрасно и понезависно да го применуваат правото, а судовите да бидат понезависни“, рече Лимани.

Земајќи збор, неговиот предлог „гласно“ го поддржаа членовите на Судскиот совет Антоанета Димовска, Ивица Николовски, Тања Чачарова-Илиевска и доскорешната претседателка на ова тело, Весна Дамева.

Судијата Александар Камбовски за член на Судскиот совет беше избран во јуни минатата година, заедно со неговиот колега Исамедин Лимани, кој денеска и го предложи за претседателот на Советот.