
Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, ја нарече одлуката на судијата Хуан Мерчан, за продолжување на случајот против него за исплати за молчење на порно-ѕвездата Сторми Даниелс и за донесување на пресуда на 10 јануари, за „незаконски политички напад“.
-Овој нелегитимен политички напад не е ништо повеќе од фарса, напиша Трамп на неговата социјална мрежа „Трут Соушл“, кој ќе ја преземе функцијата претседател на САД, на 20 јануари годинава.
Судијата Хуан Мерчан изјави дека Трамп, првиот поранешен претседател кој беше осуден за кривично дело, може да се појави лично или виртуелно на изрекувањето на казната.
Во одлуката напишана на 18 страници, Мерчан ги отфрли барањата на адвокатите на Трамп за поништување на пресудата.
Судијата истакна дека наместо затворска казна расположен е да одреди „безусловно ослободување“ (што значи дека осудата останува, но обвинетиот е ослободен без затвор, парична казна или условно), што е многу поблага казна и ќе му овозможи на Трамп да влезе во Белата куќа, но како осуден криминалец.
Лани во мај на судењето во Њујорк, Трамп беше прогласен за виновен по 34 точки и тоа за фалсификување деловни документи со цел да прикрие исплата на пари на Сторми Даниелс, актерка во филмови за возрасни, што се случувало пред изборите во 2016 година, сп цел да се спречи таа да обелодени дека во 2006 година имала сексуална врска со Трамп.