
Досегашниот претседател на Хрватска Зоран Милановиќ (СДП) освои 77,86 проценти, а Драган Приморац, поддржан од владејачката ХДЗ, Татковинското движење и неколку помали партии 22,14 отсто од гласовите на денешниот втор круг од претседателските избори во Хрватска, покажуваат излезните анкети.
Овој резултат беше дочекан со громогласен аплауз во изборниот штаб на Милановиќ, додека во штабот на Приморац атмосферата е во согласност со поразот што кандидатот на ХДЗ го претрпе во вториот круг од изборите.
Од штабот на Милановиќ сметаат дека овие избори го покажале и односот на граѓаните кон премиерот и лидерот на ХДЗ, Андреј Пленковиќ.
На повеќе од 6.500 избирачки места во Хрватска денеска од 7 до 19 часот се гласаше во вториот круг од претседателските избори.
Во првиот изборен круг учествуваа осум кандидати, а Милановиќ влезе во вториот круг со 49,1 отсто освоени гласови и Приморац со 19,35 отсто поддршка од гласачите.
Самиот Милановиќ во вчерашното интервју за порталот Телеграм изјави дека овие избори ќе бидат референдум против Пленковиќ.
Во седиштето на Приморац, во загрепскиот хотел Вестин, велат дека победиле на парламентарните и европските избори и дека победата на Милановиќ нема да влијае на позицијата на Пленковиќ во партијата.