
Американскиот претседател во заминување Џо Бајден во понеделникот се обиде дополнително да ги истакне своите постигнувања во надворешната политика, тврдејќи дека американските противници се послаби отколку кога тој ја презеде функцијата пред четири години, и покрај тековните глобални кризи.
Една седмица пред да му ја предаде функцијата на новоизбраниот претседател Доналд Трамп, Бајден, во редок говор во Стејт департментот, ја пофали поддршката на неговата администрација за Украина во одбраната од руската инвазија и за Израел во војните на Блискиот исток.
Бајден рече дека САД „победуваат во глобалната трка“ и дека Кина нема да ја престигне економски како што се предвидуваше, додека Русија и Иран се ослабени од војните во кои САД директно не учествуваа.
„Во споредба со пред четири години, Америка е посилна, нашите сојузи се посилни, а нашите противници и конкуренти се послаби. Ние не влеговме во војна за да го постигнеме тоа“, рече Бајден.
Додека војните продолжуваат да беснеат во Украина и на Блискиот исток, администрацијаа на Бајден се надева дека ќе биде постигнат договор меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас пред да замине Бајден и Трамп да се врати во Белата куќа на 20-ти јануари.
Бајден рече дека преговарачите се „блиску до постигнување договор“ со кој ќе се ослободат заложниците на Хамас во Појасот Газа и ќе се запрат борбите во палестинската енклава за да се овозможи проток на хуманитарна помош.
„Толку многу невини луѓе се убиени, толку многу заедници се уништени. Палестинскиот народ заслужува мир“, рече Бајден.
Бајден се соочи со критики за испраќање оружје и за обезбедување дипломатска поддршка на Израел за време на инвазијата во Газа, откако Хамас го нападна јужен Израел на 7 октомври 2023 година, убивајќи околу 1.200 луѓе и заробувајќи повеќе од 250, според израелските податоци. Повеќе од 46.000 луѓе, од кои три четвртини се деца и жени, се убиени во Газа од почетокот на војната, според палестинските здравствени власти, додека малата крајбрежна енклавата е целосно разорена веќе без никаква инфраструктура, а 2,3 милионското населени веќе неколкупати беше раселувано во изминатата година.
Демонстрантите во понеделникот го пречекаа Бајден пред Стејт департментот со извици „воен злосторник“. Некои носеа транспаренти, а некои фрлаа црвена течност која требаше да симболизира крв.
Бајден рече дека му помогнал на Израел да ги победи своите противници – Хамас во Газа и Хезболах во Либан, кои се поддржани од Иран. Тој, исто така, ја пофали американската поддршка за Израел за време на двата ирански напади во 2024 година.
„На крајот на краиштата, Иран е послаб отколку што беше со децении. Нема сомнеж дека нашите акции значително придонесоа за тоа“, додаде Бајден истакнувајќи го падот на владата на Бшар ал-Асад во Сирија.