
Изненадува фактот што токму УПОЗ како прв чекор го презема штрајкот наместо дијалогот прв демократски начин и метод за делување, изјави владината портпаролка Марија Митева на денeшната прес-конференција посветена на 30-минутниот штрајк на административните работници.
– Сакам да ја потсетам јавноста дека за само 6 месеци постигнавме договор за зголемување на платите во здравството, образованието, а се зголемија и пензиите. Обезбедивме додаток на плата и К-15 за сите вработени, а подготвени сме да разговараме на секоја тема. Но, дозволете ми да истакнам дека секој штрајк треба да биде најавен согласно законот, да биде спроведена и постапката за помирување и да се определат можни работи кои би требало да се вршат. Поради тоа што ниту една од овие работи не е исполнета, тоа остава простор за силен сомнеж дека овој штрајк е политички мотивиран. Повторувам, Владата е отворена за секаков вид предлози и сугестии. Има бројни механизми преку кои можат да се отворат овие прашања. Интересно е тоа што изминатите години овој синдикат молчеше за ова прашање, па отворено се сомневаме дека зад ваквиот чекор стои политичка позадина. Дали на овој начин се злоупотребува синдикалното движење? И ние гледаме реално на работите и ние самите не сме задоволни од платите во администрацијата, меѓутоа дијалогот е вистинскиот начин за изнаоѓање решенија – рече Митева.