Руски „Автоваз“ продал значително повеќе автомобили во 2024-та

Рускиот производител на автомобили „Автоваз“ објави во средата дека продал 30 отсто повеќе автомобили во 2024 година, со малку послаб раст од пазарот како целина, според податоците на специјализираната компанија Autostat.

„Автоваз“ продал 459.000 автомобили на клиенти минатата година, цитира руската новинска агенција ТАСС податоци од презентацијата презентирана на прес-конференција.

Кога ќе се вклучат и возилата испорачани до овластените автосалони, бројката достигнува речиси 525 илјади, изјави претседателот на компанијата Максим Соколов.

Според него, „Автоваз“ лани била водечка компанија на рускиот пазар, со учество од околу 28 отсто од вкупната продажба.

Производството на автомобилите „Лада“ се зголемил за 40 отсто, на 525.600 автомобили, највисоко во изминатите десет години.

Продолжено закрепнување на пазарот

Вкупно 1,571 милиони нови автомобили се продадени во Русија минатата година, 48,4 отсто повеќе отколку во 2023 година, ги цитира Reuters податоци од специјализираната аналитичка групација Autostat, објавени минатиот петок.

Рускиот пазар на автомобили се намали во 2022 година бидејќи западните производители масовно ја напуштија Русија откако руските трупи влегоа во Украина. Дополнителен проблем беа санкциите на Западот против Москва.

Од крајот на 2022 година, продажбата континуирано закрепнува, за да попушти во декември бидејќи возилата станаа значително поскапи во услови на висока инфлација, зголемени каматни стапки и такси за отпад.

Вкупно 123.431 возила се продадени во Русија во декември, за 3,3 отсто повеќе од крајот на 2023 година. Дури осум од 10-те водечки позиции на рангирањето на популарноста беа заземени од кинески брендови, според Autostat.

Во 2025 година, продажбата се очекува да се намали за околу 10 отсто, на 1,43 милиони возила, изјави шефот на Autostat, Сергеј Теликов во декември.

Шефот на „Автоваз“ во ноември изјави дека поради зголемените каматни стапки, продажбата на патнички и лесни комерцијални возила може да падне за околу 25 отсто во 2025 година, според извештајот на новинската агенција Интерфакс.