
Инфлацијата во Европската унија забрза во декември, покажаа во петокот објвените податоците на Eurostat.
На ниво на ЕУ, годишната стапка на инфлација мерена со хармонизираниот индекс на потрошувачките цени (HIPC), кој овозможува споредба меѓу земјите-членки, во последниот месец од 2024 година изнесувал 2,7 отсто. Во ноември цените на ниво на Унијата се зголемија за 2,5 отсто.
Во еврозоната, потрошувачките цени во декември биле за 2,4 отсто повисоки отколку во истиот период во 2023 година, што ја потврди прелиминарната проценка на Eurostat. Во ноември тие се зголемија за 2,2 отсто.
Во декември 2023 година, годишната стапка на инфлација во ЕУ беше 3,4 отсто, а во еврозоната 2,9 отсто, покажуваат табелите на Eurostat.
Услугите, исто така, забележале најголем пораст на цените во еврозоната во декември, за 4 отсто во споредба со истиот месец во 2023 година. Во претходниот месец поскапеа за 3,9 отсто.
Потоа следат преработената храна, алкохолот и тутунот кои поскапеле за 2,9 отсто, речиси исто како и претходниот месец.
Цените на свежата храна пораснале за 1,6 отсто, што е значително помалку во однос на ноември, кога цените беа за 2,3 отсто повисоки од истиот месец претходната година.
Цените на енергијата се стабилизирале во декември, откако во ноември паднаа за 2 отсто во однос на истиот месец претходната година.
Базичната инфлација, без цените на енергијата и свежата храна, во декември, четврти месец со ред, изнесувала 2,7 отсто.
На месечна основа, потрошувачките цени во ЕУ пораснале за 0,3 отсто, а во еврозоната за 0,4 отсто, покажуваат табелите на Европскиот завод за статистика, нешто посилно од ноември.
Романија забележала убедливо највисока годишна стапка на инфлацијата во декември, од 5,5 отсто, што значи дека забележа најсилен раст на потрошувачките цени во ЕУ во текот на целата измината година. Следува Унгарија со годишен раст на потрошувачките цени со стапка од 4,8 отсто, објави Eurostat. Веднаш по нив следи Хрватска, каде што потрошувачките цени измерени со HICP биле за 4,5 отсто повисоки во декември отколку во истиот месец во 2023 година, што би значело дека тие се зголемиле најмногу од мај. Податоците се во согласност со првата проценка на Eurostat објавена на 7 јануари.
Најблиска до наброената група земји во однос на растот на потрошувачките цени во декември во однос на истиот месец во 2023 година е Белгија, каде тие се зголемени за 4,4 отсто.
Најниска годинашна стапка на инфлацијата и во декември забележала Ирска, од 1 процент. Следува Италија, каде што изнесувала 1,4 отсто.