Ослободувањето на заложниците од Газа може да започне во недела

Првите заложници може да се вратат во Израел веќе во недела, на 19 јануари, под услов израелскиот кабинет да го одобри договорот за прекин на огнот во Газа, се вели во соопштението од кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

„Со одобрување на договорот од израелскиот кабинет и владата, ослободувањето на заложниците може да продолжи според планираната рамка и се очекува веќе во недела“, се вели во соопштението.

Првично, договорот за прекин на огнот во Газа и ослободување на заложниците меѓу Израел и Хамас беше објавен на 15 јануари од катарскиот премиер Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани, кој ги нагласи напорите за посредување на Доха, Вашингтон и Каиро.

Меѓутоа, Израел тврдеше дека претставниците на Хамас во последен момент изнеле барања кои се неприфатливи за еврејската држава. Нетанјаху рече дека владата ќе го ратификува договорот само откако „сите детали ќе бидат финализирани“.