
Лондонскиот фудбалски великан Арсенал одигра само нерешено 2:2 (1:0) со Астон Вила на својот стадион „Емирати“ во рамктие на 22. коло од англискиот фудбалски шампионат.
Арсенал доминираше во текот на целиот натпревар, водеше со 2:0, но на крајот освои само бод.„Топчиите“ поведоа во 35. минута кога Мартинели со малку несмасна реакција на Мартинез успеа да ја префрли топката преку гол линијата, а во 55. минута Хаверц уште еднаш го совлада гостинскиот голман по одличното нафрлување на Тросард.
Сепак, гостите од Бирмингем покажаа завидна борбеност и успеаја да го израмнат резултатот, кој на крајот ќе испадне 2:2, со удар од далечина на Тилеманс во 60. минута и брилијантна голгетерска реакција на Воткинс во 69. минута. Арсенал успеа да постигне гол во 86. минута, но прегледот на ситуацијата утврди дека ударот на Мерино удрил во раката на Хаверц на патот кон мрежата.
Второпласираниот Арсенал сега има 44 бода, седум помалку од лидерот Ливерпул, кој претходно во саботата на гости го совлада Брентфорд со 2:0, додека Астон Вила е седма со 36 бодови. Брентфорд е 11-ти со 28 бодови.
Водечкиот тим во англискиот фудбалски шампионат Ливерпул оствари победа со головите на Дарвин Нуњез во самиот финиш на натпреварот, во првата и третата минута од судиското надополнување.
Во првиот натпревар од 22. коло на англискиот фудбалски шампионат, Борнмаут на гостински терен го совлада Њукасл Јунајтед со 4:1 (2:1). Јунак на мечот беше тројниот стрелец Џастин Клајверт, тој го доведе Борнмаут во предност во 6. минута, а откако Бруно Гимараеш израмни на 1:1 во 25. минута, Клајверт обезбеди водство на својот тим со својот втор гол во 44. минута. Тој резултат стоеше до судиското продолжение, во кое Клајверт во втората минута зголеми на 3:1, а Керкез го постави конечниот резултат во шестата минута од судиското продолжение.
Со оваа победа, Борнмаут скокна на шестото место со 37 бодови, исто колку и петтопласираниот Челзи, додека четвртиот Њукасл има само бод повеќе.