
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во неделата им рече на илјадниците свои поддржувачи во Вашингтон дека ќе воведе строги ограничувања за имиграцијата на првиот ден од неговата функција, дека ќе дејствува брзо и ќе ја реши секоја криза со којашто ќе се соочат САД.
„До зајдисонце утре, инвазијата на нашата земја ќе биде запрена“, рече Трамп на митингот „Направи ја Америка повторно голема“ во преполната сала „Capital One Arena“ во Вашингтон, ден пред неговата инаугурација.
Трамп го повтори своето предизборно ветување дека ќе започне најголемата депортација во историјата на САД, во која ќе бидат вклучени милиони илегални имигранти.
„Ова е најголемото политичко движење во американската историја, а пред 75 дена ја постигнавме најголемата политичка победа што нашата земја некогаш ја видела. Од утре ќе дејствувам со историска брзина и ќе ја решам секоја криза со која се соочува нашата земја“, порача новиот-стар претседател на САД.
Говорот во „Capital One Arena“ беше првото големо појавување на Трамп во Вашингтон по неговиот говор на 6 јануари 2021 година, кој му претходеше на упадот на Капитол од илајдници негови републикански поддржувачи кои ден денес сметаат дека изборите во 2020 година биле лажирани во полза на демократите и нивниот кандидат Џо Бајден.
Трамп рече дека ќе помилува многу од повеќе од 1.500 луѓе кои се осудени или обвинети во врска со тој упад.
Собирот на Трамп, заедно со неговото инаугуративно обраќање во понеделник, може да навести што планира да направи во неговиот втор мандат во Белата куќа. Трамп последните сдмиици зборуваше, меѓу другото, за преземање на Гренланд и Панамскиот канал, претворање на Канада во американска сојузна држава …
Во неделата, Трамп рече дека ќе ја укине „секоја радикална и глупава извршна наредба на администрацијата на Бајден“ веднаш по преземањето на функцијата. Тој, наводно, ќе потпише повеќе од 200 извршни наредби и други акти на неговиот прв ден во Белата куќа.
Трамп ќе положи претседателска заклетва во ротондата на Капитол во понеделник, откако исклучително студеното време ги принуди организаторите да ја преместат церемонијата во затворен простор. Ден пред инаугурацијата, многу улици околу американскиот Капитол и Белата куќа се блокирани со челични огради, а околу 25.000 полицајци имаат задача да ја одржуваат безбедноста.