Еднодневниот бојкот на хрватските потрошувачи, нема да даде ефект, велат експерти

На социјалните мрежи кружи повик за бојкот на продавниците во Хрвстка на 24 јануари, како протест против високите цени. Потрошувачите, разочарани од инфлацијата, која е највисока во ЕУ, се обидуваат да испратат порака до трговците и добавувачите. Но, експертите предупредуваат дека ваквата акција нема да постигне значаен ефект.

Драган Муњиза, експерт за малопродажба, смета дека краткотрајни мерки како оваа немаат доволно влијание:

-Повеќето луѓе ќе купат еден ден порано или еден ден подоцна. Вистински ефект би имало само ако бојкотот трае од 10 до 15 дена, – изјави тој за ХРТ.

Според последните податоци, инфлацијата во декември изнесува 3,4%, а според стандардите на ЕУ, таа е дури 4,5%, што ја прави највисока во еврозоната. Причините се различни: туристичка потрошувачка, прилив на средства од ЕУ, зголемување на платите во јавниот сектор, како и сивата економија, која останува значаен проблем.

Потрошувачите сметаат дека инфлацијата е значително повисока од онаа што ја покажува статистиката. Ова се должи на разликите во индивидуалните потрошувачки кошници, каде сиромашните домаќинства се соочуваат со поголем удар, додека за богатите ефектот е помал.

Владата, во обид да ги ублажи ефектите, најави проширување на листата на производи со замрзнати цени на 50 артикли до крајот на јануари, вклучувајќи основни производи како леб, палента, овошје, зеленчук, месо, кафе и детергенти.