
Новиот американски претседател Доналд Трамп изјави дека има уште „половина ден“ за да најде дипломатско решение за украинскиот конфликт, откако бил потсетен за неговото претходно ветување дека ќе ги прекине борбите во рок од 24 часа по неговото враќање во Белата куќа.
На средината од денот на неговата инаугурација во понеделникот, новинарите го прашаа Трамп дали ќе може да го одржи ветувањето што постојано го даваше за време на кампањата.
„Па, тоа е само половина ден. Ми останува уште половина ден. Ќе видиме“, се пошегува тој, седејќи зад бирото во Овалната соба.
Американскиот претседател ја повтори својата подготвеност да се сретне со неговиот руски колега Владимир Путин со цел да се најде дипломатско решение за кризата.
„Ќе се обидеме да го завршиме тоа што е можно побрзо. Знаете, војната со Украина и Русија никогаш не требаше да започне“, рече тој.
Трамп додаде дека „одлично се согласувал со Путин“ за време на неговиот прв мандат. „Се надевам дека ќе сака да се договори“, забележа тој.
Американскиот државен секретар, Марко Рубио, во понеделникот рече дека не може да каже кога ќе завршат непријателствата меѓу Москва и Киев, но рече дека секоја страна ќе мора да отстапи „нешто“ за да се реши конфликтот.
Путин ја поздрави намерата на Трамп да го продолжи дијалогот меѓу Русија и САД и му честиташе на американскиот претседател за неговата инаугурација.
Руските власти ги забележаа изјавите на новиот американски лидер и неговите соработници „за желбата да се обноват директните контакти со Русија“, кои беа прекинати од претходната администрација и „за потребата да се направи сѐ за да се спречи Трета светска војна“, реле Путин.
Москва останува посветена на своите принципи и верува дека дијалогот мора да се гради врз „еднаква и взаемно почитувана основа“, додаде тој.