Манчестер Сити потпиша со бразилскиот дефанзивец Витор Реис

Англискиот премиерлигаш Манчестер Сити потпиша четири ипол годишен договор со бразилскиот дефанзивец Витор Реис, играч на Палмеирас, објави во вторникот клубот од Премиер лигата.

Палмеирас не сакаше да се раздели со 19-годишниот играч, бидејќи се надеваа дека ќе го имаат на располагање за овогодинешното Светско клупско првенство. Сепак, Реис веднаш ќе замине во Сити.

„Витор Реис е еден од најперспективните млади дефанзивци во светот и ние сме среќни што успеавме да го донесеме овде“, изјави директорот за фудбал на Сити, Тксики Бегиристајн.

„Во неговото кратко време во сениорскиот фудбал во Бразил, тој покажа дека има способност да оди многу далеку во играта и знаеме дека работата со Пеп и нашите тренери ќе ни помогне да го извлечеме најдоброто од него“, рече Бегиристајн.

Како репрезентативец на Бразил до 17 години, Реис одигра 18 првенствени настапи за Палмеирас и се смета за клучна компонента на визијата на менаџерот на Сити, Пеп Гвардиола за преобликување на тимот.