За 100 евра пораснала вредноста на минималната кошничка

Минималните трошоци на едно четиричлено семејство во јануари се зголемени за 391 денар во однос на декември минатата година. Во делот на храната и на пијалоците се бележи зголемување од 123 денари, покажуваат податоците за синдикалната минимална кошничка на Сојузот на синдикати на Македонија, кои денеска на прес-конференција беа објавени, заедно со анализа за тоа дали новогодишната кошничка ги дала посакуваните ефекти.

Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов рече дека за 12 изминати месеци, односно од почетокот на минатата година досега, минималните трошоци во делот на храната и пијалоците се зголемени за 10,43 проценти што значи дека инфлацијата не е 3,5 проценти како што покажуваат статистичките податоци, туку над 10 проценти.

Вредноста на синдикалната минимална кошничка за само една година пораснала за 6,089 денари што значи зголемување на инфлацијата од 10,63 проценти.

–Граѓаните во Македонија не живеат многу подобро и немаат добри плати, и платите не ја погреваат инфлацијата, туку трговците се алчни и се богатат на грбот на работниците со тоа што го користат секој момент за дополнително да се збогатат. Дури се сомневаме во она што го ветуваат дека во наредните месеци ќе го задржат нивото на цените на основните прехранбени производи. Тоа е мамка за да не ги намалат цените на производите кои на светските берзи бележат намалување, истакна Трендафилов.

Како што посочи тој, информациите говорат дека цената на житото на светските берзи е намалено за околу 13 проценти, а кај нас цената на лебот е пониска за само за еден денар и нема намалување на цените на брашното и други производи.

– Сметаме дека е добро Владата, како што почна лани на почетокот во септември, да ги види фактурите на трговците за набавната вредност на производите кои се увезуваат и да покажат по која цена се увезени, а потоа по која цена ги продаваат, рече Трендафилов.

Според ССМ, платите треба да се зголемат за најмалку 20 проценти и дека нивното барање за растот на платите и на минималната плата е повеќе од оправдано.

Сметаат дека се потребни и други мерки од Владата, а во следниот период најавуваат поригорозни мерки за да се подигне свеста кај граѓаните.