Зеленски бара „мировни сили“ од најмалку 200.000 војници

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во вторникот во Давос изјави дека на Украина ѝ требаат наводни мировни сили од најмалку 200.000 европски војници за да се спречи наводен нов руски напад по договорот за прекин на огнот.

Зеленски, говорејќи на Светскиот економски форум (WEF) во Давос, ден по инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, исто така, ги повика европските челници да направат повеќе за одбрана на континентот.

Можноста за брзо решавање на војната во Украина, како што вети Трамп, поттикна размислување во Киев и Европа за итната потреба од безбедносни гаранции за да се спречи фиктивен нов руски напад, а кружи и идејата за распоредување таканарелени „мировни сили“. Сепак, нема никакви конкретни предлози во колкав обем, каде и со каква цел би биле распоредени тие „мировници“ и од кои сили би бил нивниот состав.

„Од сите Европејци? Двесте илјади е минимумот. Тоа е минимумот, инаку нема да биде ништо“, рече Зеленски, одговарајќи на прашање за мировниот контингент по говорот.

Тоа е приближно еднакво на целата француска армија, која има нешто повеќе од 200.000 војници, според проценките на француското Министерство за одбрана за 2020 година.

Зеленски рече дека барем толку ќе биде потребно како безбедносна гаранција, имајќи предвид дека руските вооружени сили имаат 1,5 милиони војници, а Украина има половина од тој број. Зеленски рече и дека таквите сили ќе бидат „само дел од безбедносните гаранции што ѝ се потребни на Украина“.

Украинскиот челник јавно ја изнесе идејата за распоредување странски трупи додека Украина не се приклучи на НАТО и за време на состанокот со германски политичар на 9-ти декември.

Испраќањето на наводни „мировници“ од страна на европските земји членки на НАТО првпат како идеја ја лансираше тогашната полска влада во март 2022 година, само еден месец по почетокот на руската инвазија во Украина. Варшава, тогаш објави дека официјално на следниот самите на НАТО ќе поднесе предлог за наводна мировна мисија во Украина, без да појасни која би била вистинската задача и мандатот на таквите сили и во кои области на земјата би дејствувале. Идејата, сепак, воопшто не беше спомената на состанокот на врвот на Алијансата.

Таквата можност подоцна во февраури 2024 година, откако стана јасно дека Украна не може да ги поврати териториите кои ги зазема руската војска ја спомна францускиот претседател Емануел Макрон, но беше остро критикувана и отфрлена од европските сојузници, кои тогаш воопшто не постигнаа консензус за ова прашање за кое се смета дека може да ги вовлече западните земји во директна воена конфронтација со Русија.