
Инвестициската клима во Германија значително се влоши во јануари, со слаба економија и зголемена политичка неизвесност во пресрет на предвремените парламентарни избори и потезите на новата американска администрација, објави во вторникот институтот за економски истражувања ZEW.
Индексот на економската клима ZEW во јануари падна за 5,4 поени во однос на декември и изнесува 10,3 поени.
Новата година започна со значителен пад на индексот, а можните причини меѓу другото ги вклучуваат неодамна објавените податоци за падот на бруто домашниот производ (БДП) во 2024 година и зголемените инфлациски притисоци, изјави претседателот на ZEW, Ахим Вамбах.
Германскиот БДП минатата година се намали за 0,2 отсто, објави неодамна заводот за статистика. Пад беше забележан и во 2023 година, за 0,3 отсто, покажуваат податоците на Destatis.
Инфлацијата во декември забрза на 2,6 отсто, од 2,2 отсто во претходниот месец.
Економијата и натаму ја кочат послабата потрошувачка на домаќинствата и намалената побарувачка во градежниот сектор, а доколку овие трендови продолжат оваа година, Германија уште повеќе ќе заостанува зад другите земји од еврозоната, предупреди шефот на институтот.
На ова се додава политичката неизвесност поради потенцијално тешкиот процес на формирање владејачка коалиција по парламентарните избори во февруари и нејасната економска политика на САД под диригентската палка на Доналд Трамп, додаде Вамбах.
САД се главната дестинација за германскиот извоз на стоки, кој скокна за 14,5 отсто во ноември во споредба со октомври, достигнувајќи 14 милијарди евра.
Доколку новиот американски претседател одлучи да воведе царини, трендот може драматично да се промени, забележува Reuters.
Индексот што ја мери оценката на инвеститорите за актуелната економска состојба во Германија е маргинално подобрен во однос на декември и изнесува минус 90,4 поени.