
Јеменските шиитски бунтовнии од хутистичкото движење, поддржана од Иран, го ослободија екипажот на „Galaxy Leader“, повеќе од една година откако го зазедоа бродот кој пловеше под бахамско знаме во близина на јеменскиот брег на Црвеното Море, објави во средата телевизијата Al-Masirah под контрола на движењето.
Се наведува дека екипажот бил предаден на Оман „во координација“ со тридневниот прекин на огнот во војната во Газа меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас.
„Ослободувањето на екипажот на Galaxy Leader дојде како дел од нашата солидарност со настаните во Газа и поддршка на договорот за прекин на огнот“, објави Врховниот политички совет на Хутите.
Екипажот се состои од 25 државјани на Бугарија, Украина, Филипините, Мексико и Романија, изјави сопственикот на бродот компанијата „Galaxy Maritime“. Бродот инаку пловел изнајмен од јапонската компанија „Nippon Yusen“.
Бродот бил придружуван до пристаништето Ал-Худаида на Црвеното Море во северниот дел на Јемен, кој е под контрола на Хутите.
Водачот на хутистите, Абдул Малик ал-Хути во понеделникот изјави дека групата, официјално позната како Ансар Алаа(х), е подготвена да дејствува доколку Израел го прекрши договорот за прекин на огнот во Газа.
„Ние сме во постојана готовност да интервенираме во секое време доколку израелскиот непријател прибегне кон ескалација, геноцидни злосторства и опсада на Појасот Газа“, рече тој.
Специјалниот пратеник на ОН за Јемен, Ханс Грундберг рече дека „ослободувањето на екипажот на „Galaxy Leader“ е пријатна вест, ставајќи крај на „заложништвото и разделеноста што и морнарите и нивните семејства ги трпеа повеќе од една година. Ова е чекор во вистинската насока и ја повикувам групата Ансар Алаа дека треба да продолжи со ваквите позитивни потези во сите области и нека ова вклучува и прекин на сите поморски напади“, рече Грундберг.
Хутистите извршија повеќе од сто напади на бродови што пловеа во Црвеното Море од ноември 2023 година, објаснувајќи дека тие дејствуваат во знак на солидарност со Палестинците и против разорните воздушни и копнени напади на Израел врз Хамас во Газа. Потонале два брода, заплениле уште еден и убиле најмалку четворица морнари. Како резултат на тоа, глобално беше нарушен нормалниот транспорт на стоки и услуги, а компаниите беа принудени да ги пренасочат своите бродови на подолги и поскапи рути околу јужна Африка повеќе од една година.